Skip to main content

Народен театар Охрид

Совршен тајминг за премиерата на Народен театар Охрид на нушиќевата Госпоѓа Министерка

“Госпоѓа Министерка” од Бранислав Нушиќ, во режија на Благој Мицевски е најновата премиера на Народен театар Охрид. Постановката на оваа безвременска политички инволвирана комедија на сцената на охридскиот театар се случува во време на изборен процес што ја прави уште поактуелна за публиката.
 |  Маја Савиќ  | 

Во време на изборен процес, кога многу луѓе се во кампања со надеж дека ќе станат функционери, министри, пратеници, охридскиот Народен театар ја поставува премиерно на сцена нушиќевата „Госпоѓа Министерка“. Во однос на актуелноста на претставата и нејзниот политички ангажман , ние сепак се задржавме на тоа дека правиме комедија иако претставата многу лесно може да биде претворена во политички театар, кажа денеска на прес конференција, режисерот на претставата Благој Мицевски.

„ Меѓутоа сакам да кажам дека претставта како дел од еден постмодерен театар од кој сите сме дел и театарот како ефемерна уметност сепак има трендови и на некој начин со она што го правиме сакаме да ги следиме трендовите колку што е можно повеќе. Во таа смисла има елементи и на политички театар, и документарен театар , импротеатар и стендап моменти итн.“ – кажа режисерот Мицевски.

Комедијата „Госпоѓа Министерка“ Бранислав Нушиќ ја напишал пред повеќе од 100 години и темите со кои се занимава текстот како спремноста на луѓето да направат се за да стигнат на некоја позиција и до привилегиите кои таа ги носи, се секогаш актуелни, вели режисерот Мицевски.

„ Во текстот, она што мене ме интересира и би сакал да го пренесам како порака и до нашите политичари е дека Нушиќ вели дека Г-ѓа Министерка не е професија, во таа смисла ниту пратеник, ниту министер не е професија туку само определена функција којашто некој ја извршува и најдобро би било тоа да го прави за потребите на граѓаните кои што ги избираат.“ – кажа Мицевски.

Актерката Биљана Билаловиќ Вељаноска го толкува ликот на Живка Поповиќ или Госпоѓата Министерка која одеднаш од обична домаќинка влегува во светот на високата класа поради функцијата на својот сопруг. Нејзиниот интелект е прескромен за новите околности и таа губи секаков контакт со реалноста влегувајќи од една во друга апсурдна ситуација, од што произлегува и комичноста во претставата.

„Таа во трката да биде што послична на предходните министерки, да биде поблиска до луѓето од високата класа, го уништува и својот живот и своето семејство. Не е тоа од злоба туку од болна амбиција. Таа секогаш тежнеела да биде нешто повеќе и одеднаш и се укажала таа можност, тоа се нејзините 5 минути, но таа власт ја има многу кратко поради незјината брзоплетост и необразованост.“ – кажа Билаловиќ Вељаноска.

Нашата постановка на текстот на Нушиќ кој е секогаш актуелен и безвременски, е поинаква од она на што досега публиката била навикната, вели актерот Павел Маслов.

„Самиот текст е напишан и создаден по рамките на класичната драматургија, развој на приказната и сите сценски дејствија кои се случуваат. Ние го задржавме развојот на дејствието , меѓутоа имаме еден многу посовремен пристап во сценското дејство, во целата визуелна приказна и мислам дека тоа ќе даде поразличен печат на оваа наша претстава во споредба со сите досега направени претстави по текстот на Бранислав Нушиќ.“ – посочи Маслов.

Како актерска екипа се трудиме да продуцираме и да работиме давајќи 100 % во секој процес и публиката ќе има што да види од нашата изведба на ова дело, кажа актерот Филип Кипровски.

„Мислам дека Бранислав Нушиќ и ова дело е доволно политички инволвирани и коментира политички ситуации, но за жал, дневнополитичката и социјална ситуација во нашава држава е донесена на едно такво апсурдно дереџе што да земеш и едно четиво како „Касни порасни“ повторно ќе можеш да искоментираш и да поентираш во однос на нашата ситуација. Така што, ние овде можеме само да извојуваме голема победа со изборот на овој текст.“ – кажа Кипровски.

Во претставата играат и Горан Стојаноски, Никола Тодороски и Ивица Цонев. Охриѓани вечерва ќе ја погледант предпремиерата, а премиераната изведба на Госпоѓа Министерка е закажана за сабота со почеток во 20:00 часот во малата сала во Центарот за култура.