Skip to main content

Червар: За Велигден да им подариме победа на навивачите

Прес конференција пред големиот натпревар

 |  инфодеск  | 

“Мило ми е што втора година по ред сме четврт-финалисти и што повторно од квалификации стигнавме меѓу осумте најдобри екипи во Европа. Тоа е голем успех за нашиот клуб, за нашите ракометари, за луѓето што го водат клубот на чело со Минчо Јорданов. Горди сме на својата работа во клубот, почнувајки од најмладите, кои гледаме дека од ден на ден прераснуваат во врвни ракометари.

Ќе ми се потсмеваа ако пред почетокот на сезоната во Лигата на шампионите кажев дека повторно ќе играме во четврт-финалето. Од денешна перспектива, треба да сме горди на своето постигнување бидејќи игравме во најтешката група од која сите четири екипи влегоа во четврт-финалето. Всушност, во четврт-финалето игра нашата група против остатокот во Лигата на шампионите.

Вчерашниот пораз на Кил не не радува, ќе бидат лути и ќе сакаат против нас да го покажат своето вистинско лице. Сите знаеме што претставува екипата на Кил, која има три титули во Лигата на шампионите и 18 во германското првенство. Тоа е тим што во првата седморка нема ниту еден Германец. Имаат врвни надворешни ракометари, Јиха, Палмарсон, Вујин и Цајц, и ако ги запреме нив тогаш сме завршиле голема работа. Но, тие се германски тим, кој не се предава никогаш и кој знае да казни, особено преку Сигурдсон и Екберг.

Ние имаме психолошка предност. Остваривме многу со пласманот во четврт-финалето и веќе немаме што да загубиме, за разлика од Кил, кој не смее да “киксира“ бидејќи веќе не му е сигурна ниту шампионската титула во германското првенство.

Мечот со Кил се игра в сабота пред големиот празник Велигден и е своевиден подарок за нашите навивачи, за нивната поддршка во текот на целата сезона. Жал ми е што не можат сите да дојдат во салата, би сакал да има начин сите да се тука, да “гори“ арената. Имавме прекрасни моменти во нашата арена на натпреварите против Сегед, ПСЖ, Барселона, Колдинг…Ако в сабота го добиеме и Кил, тогаш сме зеле скалпови од се што вреди во Европа..

Натпреварот започнува во 18.30 во арената Борис Трајковски.

{loadposition content9}