Skip to main content

Нови осумина Руси и три фирми под санкции

Европската унија објави нов список на лица и фирми

 |  инфодеск  | 

Европската унија ги објави имињата на осумина Руси, меѓу кои се и некои блиски соработници на претседателот Путин, и на три фирми на кои ќе им се замрзнат средствата во склад со одлуката за воведување санкции поради руското однесување во источна Украина.

На пописот е Аркадиј Ротенберг, долгогодишниот партнер во џудо на Путин, кој од март е на црната листа на САД. Тој е претседател на управниот одбор на банката “Северен морски пат”.

На ударот од санкциите, пишува Reuters, се и Јуриј Ковалчук и Николај Шамалов, двајцата најголеми поседувачи на акциите во Руската банка од Санкт Петерсбург, која брзо се ширеше откако Путин во 2000 дојде на власт, а се смета дека е лична банка на руските високи функционери.

Меѓу казнетите фирми е и Руската комерцијална банка, првата руска банка на Крим по анексијата во март. Другите две фирми се производителот на противавионско оружје Алмаз-Антеј и авиопревозникот Доброљот кој лета од Москва за Симферопол на Крим. Доброљот е сестринска фирма на рускиот Аерофлот, објавено е во службениот весник на Европската унија.

Руските медиуми објавија дека под санкции е и првиот заменик на кабинетот на претседателот, Алексиеј Громов и бизнисменот Константин Малофејев кој Киев го обвинува за финансирање на сепаратистите на истокот од Украина.

На пописот се и првиот човек на кримското министерство за внатрешни работи Сергеј Абисов, претседателот на врховниот совет на самонаречената република Доњецк Борис Литвинов и портпаролката на Луганската република Оксана Чигрина.

Напнатоста помеѓу Москва и Западот поради руската поддршка на сепаратистите се зголеми од 17 јули кога над територијата на сепаратистите е срушен Боингот 777 на малезиската компанија каде загинаа 298 лица, а западот тврди дека е срушен со руска ракета.

Со овие најнови санкции, бројот на лица и компании на кои се однесуваат санкциите, порасна на 95 физички и 23 правни лица.

{loadposition content9}