Skip to main content

Референдум кој може да има последици во светот

Швајцарија е земја позната по референдуми

 |  инфодеск  | 

Во Швајцарија, земја која е позната по референдуми, на 30 ноември ќе се одржи уште еден во низата референдуми, но овој пат последиците би можеле да се почуствуваат во остатокот од светот.

Имено, со референдумот се сака да се сочува швајцарското национално злато од кое се очекува да биде темел на швајцарскиот финансиски систем. На референдумот се бара:

-Забрана за продавање на златните резерви кои се во посед на швајцарската централна банка

-Чување на сите златни резерви во Швајцарија а не во странство

-Држење на најмалку 20% резерви на централната банка во злато

До референдумот довела последната финансиска криза која ја разниша довербата во хартиените пари без покритие и распродажбата на швајцарското национално злато во последните 15 години. Швајцарија во 1999 година имала 2600 тони злато од кое до денес продала повеќе од половина и сега поседува 1040 тони. Од преостанатото злато, приближно 20% се чува во Лондон, а 10% во Канада.

Распродажбата на златото довела до намалување на процентот на покриеност на швајцарската валута. Имено во 1999 година швајцарскиот франк имал покритие на вредноста во злато од 30% а сега тој процент е помал од 8%, со што јавноста не е задоволна и сака досегашната пракса да ја промени.

Швајцарската влада и централната банка се изричито против воведување на вакви мерки бидејќи тие би ја нарушиле независноста на централната банка и би го намалиле просторот за маневри за делување во случај на нужда. Освен тоа, подигнувањето на процентот за покривање на франкот со злато, би довело до огромни трошоци, имајќи во предвид дека во случај на позитивен резултат на референдумот швајцарската централна банка ќе мора да купува повеќе од 1500 тони злато. Купувањето на толку голема количина на злато значајно би се одразило на цената на златото на светските берзи, со други зборови цената на златото значително би пораснала.

По последните анкети 45% од гласачите ја поддржуваат иницијативата за спас на златото, додека 39% се против а останатите сеуште не се одлучиле.

{loadposition content9}